Св.Архангел Михаил

 „Свети Архангел Михаил“ е главната и единствена манастриска црква во Варошкиот Манастир. Легендата за потеклото на манастирот започнува во X век, кога некој непознат ученик на св. Климент Охридски се населил во некоја од карпите каде што водел осаменички живот. Денес, неговото име не е познато, но во прилог на легендата зборува фактот што местото каде што се наоѓа манастирот се вика кај Светецот. Црквата е изградена на старо култно место за што сведочат античките мермерни столбови кои се употребени во нејзината изградба. На едниот од нив е исклесан стар натпис со кирилично писмо од 996 година кој е втор најстар кириличен натпис пронајден во Македонија.


Меѓу XI век и XIII век, црквата била повеќепати градена и разурнувана. Од тој период, постои трага само од северниот ѕид на црквата каде сè уште постојат делови од фрески од XII век. Исто така, од тоа време останале и фреските во подземјето на црквата кои образуваат тунел. Кон крајот на XIII век, големиот хартулариј Јован повторно ја изградил црквата и ја посветил на св. Архангел Михаил. 

Comments